ШТО Е АИКИДО?
Аикидо е боречка вештина. Во превод значи „Дисциплина за хармонизирање на енергијата“ (АИ – хармонија, КИ – енергија, ДО – начин, дисциплина). Под ова име, основачот Морихеи Уешиба ја воспоставил официјално во 1941-2 година.
Аикидо техниките се изградени врз принцип на взаемно искористување на силите. Тоа значи дека на нападот не се одговара со судир или директни пресретнувања (блокови, удари и сл.), туку со избегнувачки движења. Со ваквите движења телото се поставува во позиции кои напаѓачот го доведуваат до нерамнотежа и затоа лесно совладлив.
Ефектите од вежбањето се повеќекратно корисни, како за физичкото здравје, така и за менталното. Посебна карактеристика на вежбањето аикидо е јакнењето на способностите за комуникација, социјализација, соработка и тимско работење, што произлегува од природата на техниките и методот на нивно учење.
Самоодбраната е нешто што се подразбира кога се зборува за боречка вештина, но аикидото е специфично затоа што оној што вежба аикидо ќе биде вешт не само да се одбрани, туку притоа и да не го повреди напаѓачот, добивајќи на тој начин драгоцен избор.
По смртта на основачот се формирале повеќе ограноци. Денес, најраширен огранок во светот е институцијата формирана од самиот основач која го носи името Аикикаи. Во оваа институција водството се пренесува од колено на колено во семејството Уешиба и сегашниот дошу (водач на организацијата) е Моритеру Уешиба, внук на основачот.
контакт: Аикидо клуб Икеда - Скопје | Апостол Гусларот 3, Скопје | тел: 070 764066 | е-пошта: ikedask@gmail.com