МОРИХЕИ УЕШИБА, О СЕНСЕИ ( 植芝 盛平 , Morihei Ueshiba, O sensei)
14.12.1883 - 26.04.1969
Основачот на аикидото, Морихеи Уешиба е роден во Јапонија. Од петте деца, тој бил единственото машко дете. Од татко му ја наследува самурајската определеност и интересот за јавните случувања, а од мајка му интересот за религијата, поезијата и уметноста. Во раното детство бил слабо и болежливо дете, што било причина повеќе да седи дома и да чита книги, наместо да биде надвор и да игра со другите деца. Таткото на Морихеи, Јороки, го охрабрува да почне да се бави со сумо и со пливање, мотивирајќи го со приказните за неговиот прадедо, за кого важело дека бил еден од најсилните самураи во неговото време. Морихеи со тек на време станал доста силен и конечно ја реализирал својата замисла. Класичното школување не пројавило некој посебен интерес кај него и неговата голема енергија имала потреба од попрактично празнење. Работел на повеќе работни места, и за време на неговата кратка кариера како трговец во Токио, сфатил дека има голем афинитет кон боречките вештини.
Започнал со изучување на Џуџутсу во Кито-рју кај учителот Токусабура Тозава и Кенџутсу во Шинкаге-рју. Во 1901 година го добива сертификатот за завршена обука во Кито-рју. Неколку години подоцна го добива и сетификатот за Кенџутсу во Јагју-рју од учителот Масакацу Накаи. За време на Руско-Јапонската војна во 1903 година, се пријавува во војска, во пешадија. За време на неговото служење во војска, ги импресионира своите претпоставени, што го препорачуваат на националната воена академија. Морихеи ја одбива понудата и се враќа во својот дом. Носен од големата желба да продолжи со физичкиот тренинг, си гради доџо на неговата фарма и го поканува во тоа време добро познатиот џуџутсу инструктор Такаки Кијоичи да биде негов личен учител. Низ тој период сфаќа дека поседува надпросечен талент за боречките вештини и во исто време почнува и сериозно да се интересира за политичките работи.
Во пролета 1912 година, на возраст од 29 години, заедно со своето семејство се преселил на Хокаидо. За време на неговиот престој на Хокаидо, се среќава со големиот мајстор од Даито-рју Аики Џуџутсу, Сокаку Такеда. Откако се уверил дека нема да најде подобар учител од него, Уешиба максимално се посветува во изучување на Даито-рју Аики Џуџутсу. По неколку месеци се враќа во Ширатаки и го поканува Сокаку Такеда да живее заедно со него, и да предава во неговото доџо. Според неговото кажување, за време на неговите рани четириесети, околу 1925 година, има доживеано неколку духовни искуства, кои засекогаш му го имаат променето и животот и начинот на вежбање. Сфатил дека вистинската цел на будото е љубовта, која треба да се сподели со сите живи суштества. Во следните години бројот на учениците на Морихеи брзо се зголемувал. По некое време се сели во Токио и поради зголемениот број на ученици, гради официјално доџо во Ушигоме реонот, денес седиштето на Аикикаи. Веднаш по изградбата на доџото, многу високо рангирани учители од другите вештини дошле да го посетат, меѓу кои и Џигоро Кано, творецот на џудото. Биле толку импресионирани што пратиле свои ученици да учат кај Морихеи Уешиба. Во 1931 година, била завршена изградбата на Кобукан. Оваа институција за прокламирање и негување на будото е основана во 1932 година и Уешиба бил поставен за главен инструктор. Се до избувнувањето на втората светска војна Уешиба бил презафатен со давање часови во Кобукан, и со одржување на специјална настава на воената и полициската академија, исто така. Во следните десет години, Морихеи станал многу популарен и многу приказни се ширеле за неговата личност.
Во 1942 година се вратил на својата фарма. Често изјавувал дека будото и одгледувањето на земјата е многу слично. За време на војната, Кобукан бил скоро празен, и од таа причина го препуштил во рацете на неговиот син Кишомару. Морихеи се сели во Ибараки префектурата во селото Ивама. Таму гради доџо и Аики светилиште, кое денес е многу познато и посетено. Многумина сметаат дека Ивама е родното место на денешното аикидо. Од 1940 година, кога за прв пат името аикидо било ставено во употреба, па сé до 1952 година, Уешиба ги консолидирал техниките и ја усовршувал идеологијата на аикидото. По војната аикидото брзо се ширело, посебно во Кобукан, сега именувано во Аикикаи Хомбу Доџо, под водство на Кишомару Уешиба. Морихеи го нарекуваат О Сенсеи, како единствениот врховен мајстор на аикидото. Исто така се здобива со многу одликувања од страна на Јапонската влада.
Сé до крајот на својот живот, О Сенсеи, не престанал да го подобрува патот и не ја изгубил посветеноста за напорен тренинг. Во раната пролет 1969 година, се разболел и по негово барање бил префрлен во неговиот дом, поблиску до неговото доџо. На 26 април 1969 година умрел на возраст од 86 години. Меѓу последните зборови кој ги кажал, е дека аикидото е наменето за целиот свет, треба да се предава, не себичо, туку на сите луѓе, насекаде во светот.
контакт: Аикидо клуб Икеда - Скопје | Апостол Гусларот 3, Скопје | тел: 070 764066 | е-пошта: ikedask@gmail.com